Super Collider е четиринаесеттиот студиски албум од треш метал бендот Мегадет. Издаден е на 4 јуни 2013 година,[3] како прв албум во издаваштво на Мастејновата продукциска куќа Трејдкрафт. Музичките новинари и критика негативно го рецензирале албумот, најмногу поради присутните хард рок елементи во звукот. И покрај неповолните оцени, плочата дебитирала на 6. место на американската Билборд 200 табела. Овој пласман бил надминат само од две други студиски остварувања на оваа музичка група.
Super Collider е исто така првиот албум на Мегадет по Cryptic Writings (1997) во кој немало промена на музичкиот персонал. На овој албум се наоѓа преработка на песната „Cold Sweat“ од бендот Тин Лизи, прв случај по So Far, So Good... So What! (1988) една не-авторска нумера да се најде во списокот на песни.
На омотот е прикажан Големиот хадронски судирач од ЦЕРН.[4] На позадината може да се забележи и присуството на Вик Ретлхед, но со многу слабо осветлување. Што се однесува до комерцијалниот успех на албумот, 29.000 оригинални примероци биле продадени во првата седмица од неговото излегување во САД.[5]