Национална библиотека на Франција
Национална библиотека на Франција (француски: Bibliothèque nationale de France или BnF) — главна државна библиотека на Франција сместена во Париз. Има улога на депозитна библиотека за сите дела издадени во земјата.
Основана | 1461 1792 (Национална библиотека)[1] | (Кралска библиотека)
---|---|
Место | Париз |
Фонд | |
Обем | 30 милиони[2] |
Други информации | |
Буџет | 254 млн. €[2] |
Директор | Брино Расин |
Кадар | 2.700 |
Службена страница | bnf.fr |
Карта |
Историја
уредиСреден век и ренесанса
уредиУстановата води потекло од кралската библиотека на Шарл V во дворецот Лувр, започната во 1368 г. Првичнот фонд се состоел од збирка ракописи наследени од неговиот претходник, Јован II, која Шарл ја префрлил во Лувр од дворецот Консиержери. Првиот познат библиотекар бил кралскиот секретар Клод Мале, кој составил и своевиден каталог на делата. Други пописи напарвиле Жан Бланше (1380), Жан де Бег (1411) и уште еден старател во 1424 г. Шарл V бил голем љубител на знаењето и го поттикнувал препишувањето на древни дела и собирањето на книги. За таа цел ангажирал врвни интелектуалци од тоа време како Никола Оремски, Раул де Прел и други. По смртта на Шарл VI, збирката по свое наоѓање ја купил англискиот намесник на Франција, војводата од Бедфорд и во 1424 г. ја пренел во Англија. По неговата смрт во 1435 г. збирката е растурена по разни места.[3][4]
Шарл VII не се потрудил да ја поврати збирката, но библиотеката почнала да се збогатува со појавата на печатењето. Во 1461 г. е почната друга збирка со фонд наследен од Луј XI, а подоцна Шарл VIII ја надополнил, природавајќи го запленетиот дел од кралската збирка на Арагон.[5] Луј XII ја надополнил кралската библиотека со наследените книги од Блоа, како и со збирката на Лудвиг Бришки и запленети книги од Милано. Во 1534 г. Франсоа I ја префрлил збирката во Фонтенбло, притоа соединувајќи ја со неговата лична библиотека. Во текот на неговото владеење се случил подем во уметничкото и скапоценото укоричување, што го направило собирањето на книги уште попрестижно. Оттука, книгите придодадени во времето на Франсоа I и Анри II претставуваат ремек-дела на книговезниот занает.[4]
Подем
уредиПод старателство на Жак Амјо, збирката е пренесена во Париз, но притоа се загубени многу вредни дела. Анри IV повторно ја преместил во Клермонската школа, а во 1604 г. истата е вратена Париз, овој пат на улицата Арп. Со старателството на Жак Огист де Ту, библиотеката почнала да се претвора во една од најбогатите книжни збирки во светот. Него го наследил синот, кој потоа е погубен за државно предавство, па на библиотекарската функција дошол правникот Жером Бињон и неговите семејни наследници. Под раководство на Ту, кон библиотеката се приопштени и збирките на кралицата Катерина Медичи. Библиотеката почнала нагло да се зголемува за време на кралевите Луј XIII и Луј XIV, во голема мера поради книжевната страст на државникот Жан Батист Колбер.[4]
По некое време се покажало дека просториите на ул. Арп се веќе премали, и затоа во 1666 г. фондот е преместен во поголемо здание на ул. Вивјен. Државникот Лувоа се покажал како многу посветен и испланирал изградба на величествена библиотечна зграда на плоштадот Вандом, но планот не се остварил поради неговата смрт. Сето време како книгонабавувачи биле ангажирани дејци како Жан Мабилјон, Мелхиседек Тевено и други. Во 1688 г. е направен осумтомен каталог.[4]
Библиотеката е отворена за јавноста во 1692 г, под управа на опатот Лувоа, син на истоимениот државник. Него го наследил опатот Бињон, кој темелно го реформирал библиотечниот систем и направил каталози во 11 тома, составени во периодот од 1739 до 1753 г. Со избивањето на Француската револуција, фондот западнал во голема опасност од уништување, но бил спасен благодарение на усилбите на книжарите Антоан Огистен Ренуар и Јозеф ван Прат.[4]
Национализација
уредиЗа време на радикалната фаза на Француската револуција, фондот достигнал 300.000 дела со придодавањето на личните библиотеки на аристократите и свештенството. Со основањето на Првата Француска Република во септември 1792 г, библиотеката е прогласена за национална установа во сопственост на народот.[3]
Со доаѓањето на власт, Наполеон покажал голем интерес за библиотеката. Издал наредба покраинските библиотеки во земјата да ги дадат сите дела што ги нема во националната, надоместувајќи им од дуплираните збирки. Со ова, Наполеон овозможил централната библиотека да има барем по еден примерок од секоја книга во Франција. Фондот дополнително се проширил со пленот од неговите освојувања, но тие дела се вратени со падот на неговиот режим. Во периодот од 1800 до 1836 г. со библиотеката исклучиво ракводел Јозеф ван Прат. Во средината на 1830-тите библиотеката имала 650.000 печатени дела и 80.000 ракописи.[4]
По низа историски настани и промени во државното уредување, библиотеката го добила името „Царска национална библиотека“, а во 1868 г. е преместена во новоизградени објекти на ул. Ришелје по проект на Анри Лабруст. По смртта на Лабруст во 1875 г. библиотеката е проширена, додадено е велелепно скалиште и Овална соба, а како архитект на проширувањето се јавил Жан Луј Паскал. Во 1896 г. библиотеката сè уште претставувала најголемо складиште на книги во светот, титула која подоцна ја изгубила.[6] Во 1920 г. библиотеката имала 4.050.000 книги и 11.000 ракописи.[4]
Нови објекти
уредиНа 1988 г. претседателот Франсоа Митеран најавил изградба на една од најголемите и најсовремени библиотеки на светот, предвидена да ги содржи сите области на знаење и да биде достапна за сите со најсовремена техника за пренос на податоци што ќе се консултира од далечина и ќе соработува со другите европски библиотеки. За изградбата на објектите во 1989 г. е ангажирано проектантското студио на архитектот Доминик Перо, а нејзин изведувач бил „Буиг“ (Bouygues).[7] Градежните работи биле сложени и во голема мера отстапувале од предвидените средства. Новото здание е отворено на 15 декември 1996 г.[8] и има фонд од преку 10 милиони дела. Некои од збирките и понатаму се сместени во зданието на ул. Ришелје.
Задача
уредиНационалната библиотека на Франција е јавна установа во надлежност на министерството за култура. Има за задача да депонира задолжителни примероци, собира дела, да ги конзервира и да ги стави на располагање на јавноста. Составува референтен каталог, соработува со други национални и меѓународни организации и учествува во истражувачки програми.
Старогрчки ракописи
уредиБиблиотеката има околу 5.000 старогрчки ракописи, сместени во три фонда:
- Старогрчки фонд (Ancien fonds grec)
- Коасленов фонд (fonds Coislin)
- Дополнителен грчки фонд (Fonds du Supplément grec)
Галика
уреди„Галика“ (Gallica) е дигитална библиотека на установата, основана во 1997 г. Во неа се опфатени следниве содржини:[9]
- 1.600.000 документи
- 320.000 книги
- 36.000 карти
- 19.462 ракописи
- 410.000 слики
- 830.000 весници и списанија
- 7.000 партитури
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Jack A. Clarke. "French Libraries in Transition, 1789–95." The Library Quarterly, Vol. 37, No. 4 (Oct., 1967)
- ↑ 2,0 2,1 „La BnF en chiffres“. Архивирано од изворникот на 2007-11-28. Посетено на 2014-02-25.
- ↑ 3,0 3,1 Paul M. Priebe. "From Bibliothèque du Roi to Bibliothèque Nationale: The Creation of a State Library, 1789–1793." The Journal of Library History (1974–1987), Vol. 17, No. 4 (Fall, 1982)
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 Оваа статија содржи текст од дело кое сега е во јавна сопственост: „National Library of France (англиски)“. Encyclopedia Americana. 1920.CS1-одржување: ref=harv (link)
- ↑ Konstantinos Staikos (2012), History of the Library in Western Civilization: From Petrarch to Michelangelo, New Castle, DE: Oak Knoll Press, ISBN 978-1-58456-182-8
- ↑ Dunton, Larkin (1896). The World and Its People. Silver, Burdett. стр. 38.
- ↑ „Bouygues: Bibliothèque nationale de France“. Архивирано од изворникот на 2006-11-27. Посетено на 2014-02-25.
- ↑ Ramsay, Raylene L. (2003). French women in politics: writing power, paternal legitimization, and maternal legacies. Berghahn Books. стр. 17. ISBN 978-1-57181-082-3. Посетено на 21 мај 2011.
- ↑ податоци од јануари 2012 г
Надворешни врски
уреди„Национална библиотека на Франција“ на Ризницата ? |